Во Струмица вчеравечер беше откриена биста на младиот музичар Џоко Ѓоргиев, како траен спомен на момчето кое со својот талент, љубовта кон музиката и тапаните остави силен печат во својот роден град.

Струмица уште еднаш покажа дека знае да ги чува од заборав своите граѓани – оние кои со својот талент, карактер и дела оставиле трага во нејзиното битие и придонеле за нејзината афирмација.

Еден од нив е и Џоко Ѓоргиев, кој на само 25 години трагично го загуби животот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Во негова чест, на денот на неговиот роденден, но и во спомен на сите 64 жртви на трагичниот пожар, вечерва во големиот градски парк беше откриено спомен-обележје. На чинот на откривањето му претходеше марш на сеќавањето, со кој семејството, пријателите и граѓаните на Струмица му оддадоа почит на Џоко и на сите невини животи прерано згаснати во трагедијата.