Македонската дијаспора е нераскинлив дел од татковината, порача премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на Третата конференција на задграничните комитети на партијата, што се одржа во Солинген, Сојузна Република Германија.

На конференцијата, како што се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, присуствувале и членовите на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, Тимчо Муцунски и Стефан Андоновски.

Во поздравното обраќање пред делегатите, Мицкоски ги запознал состојбите во државата, економските показатели, за кои рече дека укажуваат на раст, инфраструктурните проекти, како и мерките за справување со предизвиците во енергетиката предизвикани од глобалните случувања.

Говорејќи за меѓународната позиција на државата, Мицкоски истакнал дека Македонија станала држава за почит, која ги брани своите ставови со аргументи, јасни пораки и стратегија.

Тој додаде дека актуелната положба на државата е последица на грешките од минатото, кои, како што рече, се „тешки како планини“.

Мицкоски нагласил и дела ВМРО-ДПМНЕ има убедливо најголема поддршка кај граѓаните, со предност поголема од поддршката на сите други политички актери заедно.

На конференцијата биле отворени и прашања за унапредување и засилување на комуникацијата меѓу македонската дијаспора и татковината, како и за можностите за инвестирање и враќање во Македонија.

Премиерот од вчера престојува во работна посета во Северна Рајна – Вестфалија, Сојузна Република Германија.

Како што соопшти владината прес-служба, во рамки на работната посета предвидени се средби на високо политичко ниво, како и средби со претставници на бројни компании, институции и бизнис заедницата.

Предвидено е премиерот Мицкоски да присуствува на првиот самит насловен „Посилни заедно – отпорноста како императив за целото општество“, каде ќе земе активно учество на панел-дискусијата „Од глобални промени до регионални реалности“.