Српската Безбедносно-информативна агенција (БИА) прислушувала одредени обвинители од Јавното обвинителство за организиран криминал (ТОК) и ја следела нивната електронска комуникација, објави српскиот портал „Радар“.

Според неофицијалните информации до кои дошол медиумот, главната причина за тајниот надзор била истрагата за корупција при реконструкцијата на железничката пруга Белград – границата со Унгарија, како и на Железничката станица во Нови Сад, каде што при уривањето на настрешницата загинаа 16 лица.

„На овој начин БИА добивала информации за тоа што прават обвинителите во предметот ‘Настрешница’, но не само тоа. Ги прислушувале и другите обвинители што престојувале во истите простории со оние што биле под надзор. Така бил прислушуван и шефот на ТОК, обвинителот Младен Ненадиќ, кој секојдневно комуницира со сите обвинители од ова обвинителство. Знаеле за секој чекор на ТОК и што планираат во сите предмети“, изјавил за „Радар“ извор кој побарал анонимност од безбедносни причини.

Мерките за таен надзор врз обвинителите формално биле воведени поради наводна шпионажа. Според сознанијата на „Радар“, тие биле определувани на 9 и 30 април, 29 мај, 19 јуни и последен пат на 7 октомври 2026 година.

Како што дознава медиумот, директорот на БИА, Владимир Орлиќ, дури четири дена по парламентарните избори, односно на 29 октомври, иницирал целосно запирање на мерките за таен надзор.

Мерките првично биле целосно прекинати, но потоа повторно биле воведени во делот што се однесува на следењето криминални групи, што спаѓа во надлежностите на БИА.

Според информациите објавени од „Радар“, следењето на обвинителите траело до 29 октомври