Покрај другите, во учебникот по албански јазик за петто одделение е наведена и кратенката за владејачката партија ДУИ. Од МОН најавија одговор во текот на денот, додека од опозициските партии од албанскиот блок побараа повлекување на учебникот, но и повлекување на министерот Јетон Шаќири од функцијата, пренесува 360 степени.

По неколкунеделните реакции во јавноста за грешките што се најдоа во новите учебници за основно образование, почнаа реакции и за новиот учебник по албански јазик за петто одделение.

Имено, во лекцијата каде што учениците учат како правилно да пишуваат датуми и скратеници на земји или организации чии имиња се состојат од два, три или повеќе збора, меѓу другите, како пример се најде и кратенката ДУИ – Демократска унија за интеграција.

Освен оваа, како примери се наведени и кратенките РСМ, САД, МОН и ООН.


Фото: Принтскрин / Учебник по албански јазик за петто одделение

„Кога имињата на земји, на различни организации итн. се состојат од два, три или повеќе збора, се користат кратенки. Овие ознаки се пишуваат и изговараат со кратенки користејќи ги првите букви од зборовите. Пример РСМ (Република Северна Македонија), САД (Соединети Американски Држави), МОН (Министерство за образование и наука), ООН (Организација на Обединетите нации), ДУИ (Демократска унија за интеграција) итн.“, се наведува во лекцијата.

Учебникот во кој се „протна“ ДУИ е издаден годинава. Негов автор е Вехби Кадриу, а издавач е МОН.

Вехби Кадриу, автор на учебникот по албански јазик за петто одделение издаден годинава
И додека јавноста се бранува по однос на содржината во овој дел од учебникот по албански јазик и можната политизација, од Министерството за образование и наука (МОН) засега нема објаснување.

Во разговор за „360 степени“, од Министерството посочија дека повеќе медиуми се интересирале за ова прашање, но сè уште се очекуваат насоки од кабинетот на министерот, па конкретен одговор веројатно ќе дадат во текот на денот.

Во меѓувреме стигна и првата реакција од опозициска партија од албанскиот блок. Реагираше Алијанса за Албанците (АА), од каде што содржината на учебникот ја нарекоа скандалозна злоупотреба на учебниците за партиска пропаганда и обвинија за политизација и партизација на образованието.

„Тоа е срамна сервилност на самиот автор Вехби Кадриу, таткото на поранешниот кандидат на ДУИ, Ендрин Кадриу, кој потоа беше назначен за директор на Радиодифузија. Што се однесува до министерот за образование и наука Јетон Шаќири, тоа го кажавме многу порано и денеска тој потврдува дека е министер за уништување на образованието“, рече на прес-конференција Наим Бајрами, портпарол на Алијанса за Албанците.

Оттаму побараа повлекување на учебникот, а заедно со него повлекување и на министерот за образование Јетон Шаќири од функцијата.