Имунизацијата е клучна за побрзо да стекнеме колективен имунитет и да ја оставиме оваа тешка здравствена криза зад нас. Само така, со заедничка одговорност придонесуваме кон колективното јавно здравје и само така побрзо ќе заврши оваа борба со пандемијата и со Ковид-19.
Да порачам – граѓаните да немаат дилема, сите вакцини што пристигнувааат и што дополнително ќе пристигнуваат се безбедни, проверени, тестирани и сите еднакво штитат од хоспитализација од тешки форми од болеста и од фатален исход.
Ова денеска го изјави вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки рерсурси, Љупчо Николовски, кој ја прими првата доза од вакцината за заштита од коронавирусот.
-Затоа е важно на секој кој ќе му дојде редот за вакцинација, согласно Националнот план за вакцинација и имунизација, да се вакцинира со вакцината која што во моментот е достапна. На овој начин со вакцинацијата ќе ја исполниме целта, ќе излеземе победници од оваа пандемија за веќе во летниот период да имаме висок степен и процент на имунизирано население, изјави Николовски пред вакциналниот пункт на спортската сала „Борис Трајковски“.
Според информациите од Министерството за здравство, како што рече, се зголемува бројот на новопријавени за вакцинација и тоа е многу добро.
-Ги повикувам сите граѓани кои досега не се пријавиле и не го направиле тоа, да се пријават за термин на вакцинација.мк, да ги почитуваат добиените термини, да се вакцинираат и со тоа да придонесат во справувањето со оваа битка. Но, секако вакцинацијата не значи и комплетно опуштање. Важно е и натаму се додека организмот не создаде имунитет да ги почитуваме мерките за лична заштита, носење на маска, растојание, негрупирање во затворени простории, посочи Николовски.
Вицепремиерот Николовски изрази благодарност до медицинските лица на овој вакцинален пункт и на останатите низ целата држава, кои, како што рече, се заслужни и даваат се од себе за целиот процес на имунизација да тече беспрекорно и во ред.
Ја нагласи нивната пожртвуваност за заштитата, пред се, на јавното здравје во овој период на панедмија предизвикана од Ковид-19.