Во Спортскиот центар „Борис Трајовски“ денеска започна масовната имунизација на населението за Ковид-19. За денешиот ден се закажани 3000 термини за вакциниција , а според она што го кажаа надлежните вакцинацијата се одвива според планираното и досега сите пријавени примиле вакцина.
Здравствените работници се добро организирани и нема застој и чекање. Лицата се вакцинираат со руската вакцина „Спутник В“.
Во оваа фаза ќе бидат имунизирани лица од т.н. критична инфраструктура – вработени во МВР, АРМ, новинари, возачи на автобуси, пожарникари, воспитувачки во градинките, вработени на патарини и други.
На терен работи тим од 20-ина медицински сестри и пет доктори во две смени. Во салата се одредени места каде вакцинираните се под опсервација 15 до 20 минути. На самото место има екипи на Итна медицинска помош, доколку има потреба да интервенираат.
Џансон Лукувец, студент по медицина, кој работеше на административниот дел при вакцинацијата, за МИА изјави дека се е доста добро организирано и оти нема непосакувани реакции кај граѓаните кои се вакцинираат.
– Јас навистина топло им препорачувам на сите да дојдат да се вакцинираат и да не подлегнуваат на лажните вести што се објавуваат. И според студиите што се објавуваат се гледа дека тие се доста безбедни, истакна Лукувец.
Во одос на третманот и препораките по првата примена доза, тој посочи дека не се очекуваат побурни реакции.
– Само доколку има болка или покачена температура да се употребат антиперетик или аналгетик. Доколку се јават некои побурни реакции ќе се обратат кај нивните матични доктори или на повисока инстанца, нагласи Лукувац.
Аида Мемишовска, медицинска сестра од Центарот за јавно здравје за МИА посочи дека вакцинацијата се одвива според планот.
Таа упати апел до сите граѓани да се вакцинираат за Ковид-19.
Во однос на тоа дали кај некое лице имало несакана реакција откако ја примило вакцината, Мемишовска посочи дека на едно лице му се слошило, но од страв.
Во земјата досега има пристигнато 78 илјади вакцини, од кои 48 илјади се донација од српската Влада.