Симона вели дека автоматски се губи смислата на самите мерки за заштита од коронавирусот кога има автобуси во кои се прават гужви и тие луѓе си дишат еден во друг. Дополнува дека напразно носи маска и внимава, кога потоа се качува во автобус и најмалку 20 минути поминува со голем број на луѓе, а притоа нема растојание помеѓу нив.
– Ми се случило да се качам во автобусот број 22 од Транспортен Центар и веќе на рекорд тој да се преполни, луѓето буквално си дишеа во врат, а кога дојде време да се симнам, мораше од автобусот да излезат пет-шест души кои се гужваа на самиот излез, само за да можам да се симнам јас, споделува Симона.
Александар, исто како и Симона, вели дека автобусите се преполни со патници покрај кои и тој не се чувствува безбедно.
– Со почетокот на пандемијата, драстично се намали бројот на возила кои сообраќаат на оваа линија. Во периодите кога се користи најмногу јавниот превоз, кога се оди на работа и кога се враќаме, воопшто не се почитува препораката за дозволен број на патниците во возилото, вели Александар.
На другата страна од градот, Марија, за да стигне до работа ја користи приградската линија број 71 и вели дека во време на пандемија, воопшто не е задоволна од „безбедноста“ на истата.
-Секојдневно го користам јавниот превоз и се соочувам со гужви до тој степен да не можам да се поместам од местото на стоење. Дополнително, поради мерките, јавниот превоз за приградските линии е намален и со тоа значително се зголемува гужвата во автобусот, вели Марија.
Таа смета дека намалувањето на линиите во овој кризен период влијае негативно врз населението и нивната заштита од пандемијата со Ковид-19.
Како Симона, Александар и Марија има многу други патници, кои секојдневно, „заглавени“ помеѓу желбата да останат безбедни, и да стигнат на работа, или, што поскоро дома, се изложуваат на ризик и ја валидизираат својата „Скопска“ во преполнет автобус, помеѓу патници кои, исто така, немаат друг избор.
Протоколот за превоз на патници има, најважниот дел од реализацијата на истиот остана само на хартија
На почетокот од пандемијата со Ковид-19, Владата, меѓу другото, го изготви и Протоколот за вршење превоз на патници. Императивот од Протоколот е исполнетоста на возилото со патниците да е до максимум 75 проценти од вкупниот капацитет. Меѓутоа, од друга страна, често низ социјалните мрежи кружат фотографии од преполнети автобуси кои го претставуваат секојдневието на многу граѓани.
Протоколот, исто така, наложи и регулирано движење на патниците со влез и излез на посебна врата. Додека, во реалноста се воочливи турканици од патници во обид да „фатат“ место во автобус.
Воочлив принцип кој е испочитуван од овој Протокол е одделеноста на возачот од делот за патници со физичка преграда, меѓутоа, се случува и некој патник да се „протне“ и да се послужи со столчињата кои се наоѓаат зад возачот, во „забранетата зона“. Наложените едукативно информативни материјали за почитување на заштитните превентивни мерки, исто така, можеа да се забележат во внатрешноста на автобусите.
Град Скопје и ЈСП велат дека се придржуваат на препораките, останатото е морална одговорност на патниците
Протоколот посочи задолжително носење на заштитни маски на патниците и возачот, но, истите, многу често не беа дел од заштитната опрема на луѓето кои се превезуваа. Во однос на ова, од Град Скопје за МИА изјавија дека не постојат механизми нивните инспектори да ги отстранат овие лица.
Јавното сообраќајно претпријатие се надоврзува во однос на културата на носење на маски, со што оттаму за МИА велат дека немаат ингеренции да ги казнуваат несовесните патници, ниту пак да им забранува влез во возилото.
– Во случајов, т.н. редари кои ги има во речиси секое наше возило, имаат обврска и ингеренции само да ги опоменуваат несовесните патници. Дел од нив, по усната опомена, ставаат маска, но, за жал има речиси секојдневни ситуации кога патници и покрај опомената продолжуваат да се возат без маска, па дури и се закануваат и предизвикуваат инциденти. Значи, сѐ е оставено на совеста на патници, велат од претпријатието.
Од Министерството за внатрешни работи во однос на казнувањето за неносење маска во автобус изјавија дека статистичките податоци за овие прекршоци се водат согласно членот од Уредбата односно Законот и по подрачје на полициска станица, па така, согласно евиденциите, како и начинот на водење на статистичките податоци, за овие прекршоци не се издвојуваат по места и објекти.
Што се однесува до преполнетоста, од ЈСП велат дека во изминатиов период имало ситуации, генерално две до три месечно, на зголемен, односно поголем број на патници од дозволеното.
– Во вакви случаи сме реагирале и реагираме на дневна основа, со вклучување на дополнителен број на возила на конкретната линија, велат од ЈСП. Изминатиов период така е реагирано на линија 2, 5, 50, 57 и уште неколку приградски линии, велат од ЈСП.
На прашањето дали сметаат дека одлуката да се намалат возните редови влијаеше неповолно кон заштитата од пандемијата со Ковид-19, од Град Скопје велат дека тие како институција само се придржуваат до овие одлуки и не ги носат истите.
Дополнуваат дека ја мониторираат состојбата во однос на искористеноста на јавниот превоз на дневна основа, преку контрола на искористените билети и преку тие статистики можат да утврдат дали се создаваат поголеми метежи на одредени линии и во одредени термини.
– Таму каде што детектираме се создава поголем метеж, интервенираме со зголемување на бројот на автобуси, велат од Град Скопје
Граѓаните бараат подеднаква и навремена заштита и ажурност во јавниот превоз
Симона смета дека за време на пандемијата со Ковид-19, во оние линии на кои се превезуваат повеќе луѓе, како што е тоа автобусот со број 22, треба да се пуштаат повеќе возила во пократок временски период. Особено наутро, кога луѓето одат на работа и попладне, кога се враќаат. Александар се надоврзува на неа и вели дека треба да се воведе начин на контрола на бројот на патници во автобусите, дали преку валидизираните билети или ангажирање на редар кој до сега не го има забележано. Марија бара подеднаков третман и за приградските линии.
Непочитувањето на протоколите е потенцијална можност за заразување со вирусот Ковид-19, па така вакуумот од преполнет автобус е секојдневен предизвик за многумина граѓани. Додека бројките на заразени со Ковид-19 флуктуираат, мерките се заоструваат и сето тоа го скратува денот на луѓето кои се приморани да одат и да се вратат од работа во уредно време. Бас Рапид Системот за кој Европската банка за обновлив развој ќе додели заем во износ од 70 милиони евра, ветува промени, регулирање на гужви и сè останато, во меѓувреме, пандемијата трае а граѓаните велат дека постоечкиот јавен превоз потфрлува и ги става нивните животи во опасност.