Премиерот Димитар Ковачевски, кој ја предводи владината делегација во официјалната посета на Бугарија, попладнево со највисоки државни почести беше пречекан на плоштадот „Александар Невски“ во Софија.

Ковачевски и владината делегација официјално беа пречекани од бугарскиот премиер Кирил Петков. Двајцата премиери положија венци пред Споменикот на непознатиот војник, јави известувачот на МИА од Софија.

За утре наутро е закажана заедничката седница на владите на двете земји, која ќе се одржи во резиденцијата „Бојана“. На седницата воведно обраќање ќе имаат двајцата премиери, Ковачевски и Петков, по што ќе почнат разговорите, откако Скопје и Софија, претходни ги формираа работните групи со кои треба да се интензивира соработката во периодот што претстои.

За утре наутро е закажана заедничката седница на владите на двете земји, која ќе се одржи во резиденцијата „Бојана“. На седницата воведно обраќање ќе имаат двајцата премиери, Ковачевски и Петков, по што ќе почнат разговорите, откако Скопје и Софија, претходни ги формираа работните групи со кои треба да се интензивира соработката во периодот што претстои.

За утре е предвидено и потпишување на неколку билатерални документи, меѓу кои и Меморандум за разбирање за развој на железничко поврзување меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија „Скопје-Софија“, а по завршувањата на меѓувладината седница, Ковачевски и Петков ќе одржат прес-конференција.

Во состав на делегацијата на Владата на Северна Македонија се првиот заменик-претседател и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, вицепремиерот задолжен за економски прашања и координација на економските ресорси, Фатмир Битиќи, вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, шефот на дипломатијата Бујар Османи, министерот за финансии, Фатмир Бесими и министерот за економија, Крешник Бектеши.

Во делегацијата се и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити.

Заедничката седница следува по минатонеделната официјална посета на бугарскиот премиер Петков на Скопје. Северна Македонија и Бугарија во периодот што претстои, а во рамки на новата динамика на соработка, која ја најавија двајцата премиери Димитар Ковачевски и Кирил Петков, треба преку состаноците на работните групи да ги приближат позициите во повеќе сфери, да се фокусираат на она што е практично остварливо во моментот, а со тоа да се отвори пат и за пронаоѓање решенија за потешките прашања и конечно надминување на спорот и одблокирање на почетокот на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија и Европската Унија.

Двете влади формираа четири работни групи – за економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европска интеграција и зелени политики и за култура, наука и образование.

Премиерите најавуваа пет работни групи, петтата е историската, но двете влади не формираа засебна работна група, а според она што го кажаа Ковачевски и Петков на прес-конференцијата во Скопје, оваа област ја покрива Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, но не прецизираа дали ќе остане да работи во сегашниот формат.

Според она што го најавија двајцата премиери во претстојниот период и преку состаноците на овие работни групи историјата ќе биде ставена во втор план, фокусот ќе биде на градење на добрите односи меѓу граѓаните на Северна Македонија и Бугарија, зајакнување на соработката во повеќе сектори, како и на добрососедство мерливо според постигнати цели и резултати. Најавена е динамична работа на работните групи, секоја недела една од групите да има состанок. Приближувањето ќе се спроведува прагматично, најпрво онаму каде што нема препреки, а веќе како прв проект е најавено воведувањето на директната авиолинија Скопје-Софија, што како што рече Петков во Скопје би се реализирал за два месеца.