Авиони за гаснење пожари конечно подготвени за лет

Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) од вчера повторно располага со обучен и комплетен пилотски кадар за борба против шумските пожари, откако двајцата пензионирани пилоти Стоје Арсовски и Васко Михалчев повторно потпишаа договор за ангажман со институцијата. Според информациите од ДЗС, со нивното враќање, „ертракторите“ – специјалните противпожарни авиони – се ставаат во оперативна состојба.

В.д. директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, лично го потпишал договорот со двајцата пилоти. Од Дирекцијата нагласуваат дека со ова се создаваат услови за активна употреба на воздушната техника во летната противпожарна сезона, кога бројот на пожари на отворено расте драстично.

Вториот авион се враќа од сервис

Покрај оваа позитивна вест, од институцијата информираат дека вториот авион „ертрактор“ се очекува во најскоро време да биде вратен од редовен сервис во Австрија, со што ќе се комплетира техничката подготвеност на флотата. Токму недостигот на активни пилоти беше главната пречка минатата година поради која трите „ертрактори“ на ДЗС беа приземјени.

Дирекција за заштита и спасување - Стојанче Ангелов на средба со Стоје Арсовски и Васко Михалчев
Стојанче Ангелов на средба со Стоје Арсовски и Васко Михалчев

Имено, лани имаше само еден активен пилот, што, според безбедносните протоколи, не дозволуваше извршување на летови. Двајцата тогашни пилоти беа пензионирани, но исто така беа привремено вратени во служба во текот на минатогодишната сезона за гаснење пожари.

Тогаш, Ангелов, кој беше директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК), изјави дека државата има четири оперативни хеликоптери – три под МВР и еден под Армијата – и три противпожарни авиони. Но, поради недостаток на пилоти, авионите останаа неискористени.

Се зголемува способноста за справување со пожари од воздух

Со оваа повторна мобилизација на Арсовски и Михалчев, земјата значително ја зголемува способноста за справување со пожари од воздух во претстојниот жежок период.