Премиерот Христијан Мицкоски денеска оствари средба со македонското малцинство во соседна Албанија, посетувајќи ги Македонците од Туминец, Преспа и Мала Преспа. Преку објава на својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук, проследена со галерија од фотографии од посетата, тој упати силни пораки за национално обединување и континуирана поддршка од матичната држава.
-На Македонија денес повеќе од сè ѝ е потребно обединување. Да се обединиме околу националните интереси. Околу иднината на нашите деца. Околу почитта кон сопствената историја и достоинството на народот. Нашите предци не се делеа кога ја бранеа слободата. Не прашуваа кој од каде е, ниту кој на кого припаѓа. Сите стоеја под едно име – Македонија.

Македонците во Албанија се нераскинлив дел од македонското национално ткиво. Вашата истрајност низ децениите е подвиг достоен за почит. Вие го сочувавте македонското име, јазикот, традицијата и духот и тогаш кога било најтешко. И затоа денес сакам јасно да порачам:
Матицата нема да ве заборави.
Македонија стои со својот народ каде и да е, со почит, со грижа и со искрена поддршка.
