Денеска и официјално е пробиен еден од девата тунела на експресниот пат Градско – Прилеп кој се гради со забрзано темпо. Тунелот од 139 метри се работеше во изминатите седум месеци. Наредниот период интензивно ќе се работи на отворање и пробивање на другиот тунел во должина од 159 метри.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, заедно со заменик-министерот Беким Реџепи, директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми и со заменик директорот на претпријатието, Благојче Трпевски, пригодно го одбележаа пробивањето на тунелот. Според Бочварски, тунелот се наоѓа на најтешкиот дел од трасата и е голем потфат.

-Тунелот Фариш се наоѓа на најтешкиот дел од трасата и претставува еден од најкарактеристичните инфраструктурни објекти на овој нов патен правец. Задоволен сум од изградбата на тунелот и генерално од динамиката со која се гради експресниот пат кон Прилеп бидејќи знаеме од какво значење е за целата држава, а најмногу за жителите на Пелагонискиот регион. Градежните активности течат онака како што ветивме. Сите проблеми се веќе зад нас, компаниите изведувачи имаат чист терен за работа. Средствата за изградба на овој експресен патен правец се обезбедени во целост и не постои ризик од запирање на неговата реализација, изјави Бочварски.

Вредноста на изградба на втората делница од Дреново до Фариш изнесува повеќе од 33 милиони евра, а само за тунелот се инвестираат 5,7 милиони евра.

За директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми првата делница од Градско до Дреново се гради со силно темпо и очекува роковите да бидат запазени. Набрзо почнуваат градежните активности и на десната тунелска цевка.

-Oчекуваме рокот да биде запазен бидејќи изведувачот е комплетно мобилизиран и ги има сите потребни ресурси во кадар, работна сила, механизација и опрема. Ова ќе биде 14-тиот тунел на патиштата во државата. Територијата на Република Северна Македонија 85,5 проценти е планинска и е седма земја во светот на листата на топ 10 најпланински земји според процентот од вкупната територија. А сите ние сме свесни колку е тешко да се гради на планинска територија. Токму таков е и овој дел и на само 10 километри растојание во овој појас се градат тунели, мостови, подвозници, клучка, вијадукт и други објекти. За овие 10.2 километри издвоивме 33,3 милиони евра средства обезбедени од ЕБОР, изјави Рустеми.

Овој е 14-ти тунел изграден во државава.