Протестот, организиран од Синдикатот на вработените во јавниот сектор (АДЕДИ) беше поддржан и од опозициските СИРИЗА и МЕРА25, а заедно со демонстрантие беа и лидерите на двете партии Алексис Ципрас и Јанис Варуфакис.

Од СИРИЗА присутни беа голем дел од пратениците и поранешните министри, додека пак Ципрас во изјава за медиумите рече дека „додека во целиот свет пандемијата ги тера владите да сфатат дека човечкиот животе е над профитот, Владата во Грција се движи во спротивна насока“ и се обидува да ја искористи пандемијата како можност за да наметне укинување на осумчасовното работно време.

-Денешниот одговор на вработените, со нивното масовно учество во штрајкот, е порака: ова ќе биде водечка битка за одбрана на правото на живот и достоинство на работниците и на мнозинството од народот и оваа битка ќе ја водиме до крај, порача Ципрас, кој го предводеше блокот на СИРИЗА и маршираше низ улиците во Атина.

Протестот генерално помина мирно, со исклучок на крајот, кога неколку лица фрлија три молотови коктели, но без да има дополнителни инциденти, а паралелно беше фрлена боја и беа испишани слогани на зградата на Банката на Грција.

На протестот, што е во рамките на24-часовниот штрајк, учествуваа и левичарски ориентирани организации и здруженија, а Синдикатот ПАМЕ на Комунистичката партија, како и секогаш, одржа посебен собир пред грчкиот Парламент.

Денешниот штрајк предизвика проблеми во морскиот и авионскиот сообраќај во Грција, како и во јавниот превоз во Атина.

Бродовите се закотвени на пристаништата, а на атинскиот аеродром немаше летови во периодот од 11 до 15 часот поради четиричасовниот прекин на работа на Унијата на грчките контролори на летање.

Од јавниот превоз во Атина, денеска единствено функционираат автобусите, со оглед на тоа дека вработените во метрото, тролејбусите и трамвајот, учествуваат во 24-часовниот штрајк, нешто што во комбинација со затворените улици поради протестот создаде и проблеми и застој во сообраќајот во Атина.

Од Синдикатот на вработените во јавниот сектор, велат дека Владата, со конкретниот закон за работни односи, меѓу другото, планира да го укине осумчасовното работно време и петте работни денови во неделата и да воведе десетчасовна работа, да ги укине колективните договори, но и да го попречи правото на штрајк.

Денот на трудот во Грција оваа година се одбележува два пати – денеска и во вторникот, со оглед на тоа што се поделија синдикатите на вработените во јавниот и приватниот сектор, па така, оној на вработените во приватниот сектор завчера одржа 24-часовен штрајк, но без да организира протести.

Сепак и од двата синдиката оваа година, Денот на трудот го посветуваат на новите измени во законот за работни односи што ги носи Министерството за труд на Грција и упатуваат порака дека не смее во никој случај да се промени осумчасовното работно време.