Синоќа во 21 часот и 43 минути подрачјето на Босна и Херцеговина го погоди земјотрес со јачина од 4,8 степени со епицентар во Зеница, јави Кликс.ба.

Во земјотресот се повредени четири лица, од кои две се хоспитализирани. Пријавена е и материјална штета. „Сограѓани, имаме нови информации за состојбата на штетите предизвикани од земјотресот што вечерва го погоди подрачјето на Зеница. Според информациите од Кантоналната управа за цивилна заштита, во Љубетово е забележано уривање на ќерамиди од неколку куќи и уривање на еден потпорен ѕид. На патот М17 во Јелина имало свлечиште“, напиша на Фејсбук Незир Пивиќ премиер на Зеничко-добојскиот кантон.

„За жал, пријавени се четири случаи на повредени граѓани, од кои еден во Јелина, а тројца граѓани се пријавени повредени поради срушен градежен материјал од згради и куќи. Двајца од повредените се задржани во Кантоналната болница Зеница. Нашата полиција и службите на Кантоналната управа за цивилна заштита се во готовност и ја следат ситуацијата на терен“, додаде тој.

Претседателот на месната заедница Љубетово, место недалеку од Зеница каде што беше епицентарот на земјотресот, за Кликс.ба зборуваше за материјалните штети што настанаа на овој простор. Зехрудин Ибрахимагиќ нагласи дека се оштетени неколку куќи.

„Епицентарот беше во реонот кај Љубетово. На тоа место досега е евидентирана штета на неколку куќи каде што пукнале ѕидови и паднале ќерамиди, а луѓето се плашат да влезат во куќите. Ќе го почекаме утрото за да ги процениме оштетувањата на објектите“, објасни синоќа Ибрахимагиќ.

Покрај Љубетово, материјална штета е пријавена и во Немили, но и во самата Зеница, каде се урна дел од фасадата во центарот на градот. Исто така, поради одрон на главниот пат предизвикан од земјотресот, се случилс сообраќајна несреќа во Јелина, поради што сообраќајот бил целосно прекинат.