Со пораки „Ве сакаме такви какви што сте“, знамиња и симболи во боите на виножитото, од Фонтаната „Лотос“ во Градскиот парк во Скопје започна осмата Парада на гордоста. Годинава маршот се одржува под слоганот „Сите нека знаат“, со кој организаторите ја истакнуваат потребата од видливост, но и недостатоците на системот што се отвораат токму преку таа видливост.
Организаторите нагласуваат дека овогодинешниот марш има строго протестен карактер. Тој, како што велат, е одговор на зголемениот притисок и обидите за институционално невидливеење на ЛГБТИ+ заедницата.
Годинава Парадата на гордоста се движи по проширена и исклучително видлива маршрута низ централните градски сообраќајници.
Поворката тргнува по булеварот „Илинден“, потоа свртува лево по улицата „Рузвелтова“, па десно по булеварот „Партизански одреди“. Маршот продолжува по булеварот ВМРО и по улицата „Димитрие Чуповски“.
Крајната точка на маршот е паркот „Жена-борец“, веднаш наспроти Собранието.
За разлика од претходните години, организаторите решија самиот марш да нема забавен дел со бина и музичка програма на крајната точка. Настанот е фокусиран исклучиво на гласен протест за клучните барања: итно носење на Законот за матична евиденција, односно правно признавање на родот, заштита од насилство и крај на говорот на омраза.
Иако маршот е строго протестен, прославата и солидарноста на заедницата се префрлаат на официјалната вечерна забава, која ќе се одржи во 21 часот во културниот центар „Лабораториум“.

