Вчеравечер екипата на Радио Лидер излезе на терен и направи фотографии околу црквата Св. Спас каде е погребан македонскиот великан Гоце Делчев. Како што и најавија од МВР, улицата „Самуилова“, која се наоѓа покрај црквата „Св. Спас“, од вчеравечер е блокирана за сообраќај.
Дури и на полноќ полицијата масовно е присутна во близина на вечното почивалиште на Гоце Делчев. При обиколката на нашата екипа успеавме да забележиме 5-6 полициски возила на самата улица „Самуилова“, а во разговор со полициските службеници добивме информација дека имаат наредба неколку дена пред и по настанот да го обезбедуваат целиот простор за да спречат евентуални инциденти.
Почнувајќи од два дена пред одбележувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев блокирана е улицата „Самуилова“, која се наоѓа пред црквата „Св. Спас“, а и МВР образложија дека истата ќе биде блокирана на потегот од улицата „Иљо Војвода“ до крстосницата со „Прохор Пчињски“. Освен оваа улица, се очекува под посебен сообраќаен режим да биде и улицата „Лазар Личеновски“.
Во текот на утрешниот ден потребно е мирно и достоинствено одбележување, а на оваа тема се зборуваше и во утринската емисија „Еспресо со Златев и Боцевски“. Сите кои што ја имате пропуштено, истата може да ја погледнете ТУКА.
Во продолжение може да ги видите фотографиите кои ги направи екипата на Радио Лидер, како и видеото кое на социјалните мрежи беше објавено од 360степени.
Непосредно на ова големо полициско обезбедување се претпоставува дека има влијание и паролата од навивачката група „Комити“ истакната за време на ракометниот натпревар Вардар-Партизан на кој пишуваше „Стани Македонче, потребна е акција, за даскалот кој ја обедини целата нација“.
Но, полицијата не е околу скопското Кале од вчеравечер, туку веќе неколку дена е присутна околу „Свети Спас“ и околу целиот овој дел од градот. Спасовски неколку пати изјави дека нема да се дозволат ноќни стражи на граѓаните. Опозициските партии информираат дека нивни членови и активисти деновиве се повикувани во полициските станици на информативни разговори. Најавено е дека на гробот на Гоце Делчев цвеќиња ќе положи целиот државен врв, на чело со претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски.