Премиерот Зоран Заев, денеска присуствуваше и се обрати на настан по повод старт на работите на новиот Градски пазар во Велес.
На настанот покрај премиерот Заев присуствуваа и Аце Коцевски, градоначалник на Општина Велес, Љупчо Николовски, заменик-претседател за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Фатмир Битиќи, заменик-претседател на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Благој Бочварски, министер за транспорт и врски, Горан Милевски, министер за локална самоуправа и Рамиз Реџепи, директор на Бирото за регионален развој.
Во продолжение на ова соопштение ви го пренесуваме интегралното обраќање на премиерот Заев:
„Ми претставува посебно задоволство да бидам дел од овој настан со кој се означува стартот на работите на еден од најзначајните капитални проекти за Велес и велешани – изградбата на новиот Градски пазар.И овој проект е еден од оние кои се остваруваат од соработката меѓу Владата и општините. За реализација на овој проект обезбедени се финансиски средства во висина од 86 милиони денари и тоа 40 милиони денари Општина Велес ги обезбеди преку Владата на Република Северна Македонија од ставката за капитални дотации на единиците на локалната самоуправа, а останатите 46 милиони денари како заем од Светска банка преку Програмата за подобрување на општинските услуги, изјави Заев.
Градежната парцела опфаќа вкупно речиси 4.200 квадратни метри од кои 2.300 квадратни метри површина е наменета за продажба на производи. Новиот Градски пазар се гради според најсовремени стандарди за ваков тип објекти како за продавачите, така и за купувачите. Изградбата на покриениот Градски пазар во Велес е од големо значење за регионалната економија бидејќи од него остваруваат егзистенција голем број земјоделци и трговци од целиот регион. Конечно после неколку децении велешани ќе добијат современ Градски пазар каде земјоделците и трговците ќе имаат соодветни и нормални услови за продажба на своите производи, истакна Премиерот.
Новиот објект ќе го врати животот на левата страна на градот и ќе поттикне развој и на нови урбана содржини од интерес на граѓаните. Но најважно од сѐ, ќе придонесе за зајакнување на економскиот развој на градот и регионот.Развиени општини значат силна економија и затоа Владата континуирано охрабрува и поддржува вакви капитални проекти.
Во соработка со локалните самоуправи ја продолжуваме поддршката на трајни добра како изградба и реконструкција на локална патна инфраструктура, водоснабдителна мрежа, канализациони мрежи, реконструкција, изградба на градинки и училишта и спортски објекти, здравствени установи и сето тоа за подобрување на животот на граѓаните, за нови вработувања и економски развој”, рече Заев.