Тие повторно излегоа на протест со барање да се стави крај на хаосот и да се реализираат ветувањата.
Со свирежи од автомобилите, жителите на населбата „Јака“ од општина Илинден, уште еднаш излегоа на протест, со надеж, како што велат, дека конечно ќе го „разбудат“ градоначалникот Жика Стојановски да ги чује нивните проблеми. Се жалат дека немаат никакви услови за живеење. Оставени биле без канализација, неасфалтирани улици, без јавен превоз, ниту пак улично осветлување.
Немаме никакви услови за живот. Ова е страшно и после 9 години власт на градоначалникот, немаме ништо. Се „давиме“ во кал до колега, немаме јавен превоз до населбата, и немаме можност за непречен пристап на Брза помош или противпожарно возило. Е ова е само дел од проблемите со кои се соочуваме, мислам дека нее добро вака, и на овој начин да не третираат, а сме платиле се, но еве сега само нервози имаме – вели Ивона Панајотовиќ Блажевски, жителка на населбата „Јака“, пред камерата на Алфа.
Жителите од „Јака“ велат дека со свирежите од колите симболично се обидуваат да допрат до градоначалникот, зашто, како што велат, до сега во цел мандат, ниту еднаш лично не ја посетил оваа населба.
Протестот, кој почна од населба „Јака“, продолжи пред зградата на општина Илинден, со свирење од возилата, во знак на револт поради игнорантскиот одност од општината.
Протестите траат веќе цел месец, по еден ден во неделата. За цело време на протестот, градоначалникот ниту еднаш не излезе да им се обрати на жителите на „Јака“.
„Јака“ е населба во општина Илинден, во која покрај најавата дека ќе биде елитна, се уште се живее со септички јами, во мрак, во кал до колена, без јавен превоз до населбата и без можност за непречен пристап на Брза помош или противпожарно возило.
Жителите најавуваат дека протестот ќе продолжи, се до решавање на нивните маки.