Нова шалтер сала во зградата на МТВ

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска го пушти во употреба вториот дел од приземјето на реконструираното Одделение за управни работи – Скопје, кое се наоѓа во зградата на МТВ.

Со завршувањето на оваа фаза, целосно е ставена во функција нова и модерно опремена шалтер сала, со повеќе од 10 шалтерски позиции. Просторот опфаќа и дополнителни канцеларии за вработените, санитарни јазли, кујна, како и посебен дел за чување и складирање досиеја и материјали од трајна вредност.

Побрзи услуги за граѓаните

Во почетниот период, во новата шалтер сала ќе се даваат услуги поврзани со постапките од областа на возилата. Во рамки на просторот ќе функционира и шалтерот „Безбеден град“, наменет за проверка и ажурирање на контакт-податоците на граѓаните.

Според најавите, во наредниот период е планирано понатамошно проширување на услугите, во согласност со потребите на граѓаните.

„Со завршувањето на оваа фаза, во функција ставаме современа шалтер сала која ќе овозможи побрзи, поефикасни и поквалитетни услуги за граѓаните, но и значително подобри услови за работа на вработените. Продолжуваме со јакнење на капацитетите на Министерството и модернизација на услугите што ги обезбедуваме“, истакна министерот Тошковски.

Погледнете ја фотогалеријата:

Продолжува модернизацијата на управните служби

Во текот на изминатата година, Министерството за внатрешни работи веќе пушти во употреба осум нови канцеларии на управни служби низ државата. Со тоа, значителен дел од граѓаните добија пристап до побрзи и подостапни услуги, кои претходно не им биле достапни.

Од МВР најавуваат дека и понатаму ќе продолжат со инвестиции во инфраструктурата и човечките ресурси, со цел подобрување на квалитетот на услугите и создавање поефикасна администрација ориентирана кон граѓаните.