Гласањето на предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница до 17 часот се одвива непречено, без забележани потешкотии. Дотогаш на гласање излегле 6.392 граѓани, односно 39,34 отсто од избирачите, соопшти Државната изборна комисија (ДИК).

Гласањето се спроведува на сите 24 избирачки места. Следниот пресек на излезеноста ДИК најави за 18:30 часот, врз основа на податоците заклучно со 18 часот.

Жителите на општината денеска избираат градоначалник на предвремените локални избори, распишани по смртта на дотогашниот градоначалник Јовица Илиевски, кој почина на 23 јуни годинава. За функцијата се кандидирани шест лица: Стојанчо Радически од коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ; Јовица Радески од коалицијата предводена од СДСМ; Јакуп Усеини од коалицијата ВРЕДИ; Аркин Јахији од Националната алијанса за интеграција (НАИ); и независните кандидати Душан Богдановски и Арифе Идризи.

Во изминатиот период должноста вршител на должност градоначалник ја извршуваше Роберт Милошески.

Во Избирачкиот список се запишани вкупно 16.256 избирачи од десетте населени места во општината. Од нив, 449 се на привремена работа во странство, а девет лица се евидентирани во затвор или притвор.