Како влада нашата задача е да ги испорачаме сите оние обврски коишто сме ги зеле пред граѓаните, многу проекти, секојдневно проекти или почнуваме или завршуваме, сакаме да го завршиме сето она коешто е почнато, тоа што го почнавме исто така да го завршиме да поставиме линија за да знаеме потоа во која насока да се движиме и како општини и како држава, она коешто е за нас поважно, изјави премиерот, Христијан Мицкоски, кој денеска беше во посета на Општата болница Струмица.
Тој кажа дека следи мало доопремување на болницата кое се очекува да заврши до крајот на август и од почетокот на септември целосно да биде објектот пуштен во употреба.
„Во здравството прилично многу имаме фокус, сите оние реформи коишто ги правиме до сега сите оние инвестиции коишто ги правиме до сега се навистина проекти коишто го подобруваат квалитетот на животот на граѓаните. И во таа насока ќе продолжиме и во периодот којшто следи, завршена е јавната, односно оној процес на барање на меѓународни финансиери за проектите коишто исто така се почнати како што е Клиничката болница во Штип, заедно со студентскиот дом и новата зграда на Медицинскиот факултет. Потоа зградата во Кичево, здравствениот дом заедно со проширената дејност таму и Клиничката болница во Тетово, а веќе во некоја следна фаза размислуваме и го развиваме проектот за голем клинички центар во Скопје на локација за којашто веќе зборувавме“, рече Мицкоски.
Тој, исто така, најави дека оваа недела ќе биде објавен тендерот за физибилити и проектно решение на изведба на експресен пат којшто ќе ги поврзува општините Радовиш и Струмица .
„После она поврзување коешто го направивме од Страцин до Крива Паланка исто така отпочнуваме со реализиција на проектот Романовце-Страцин, вториот дел е веќе отпочнат односно распишана е јавна набавка за физибилити студија и проектно решение на експресен пат којшто ќе ги поврзе Кочани и Виница со Делчево, и сега останува да се надоврзе и отсечката Радовиш-Струмица и граничен премин кон Бугарија“, рече премиерот.









