Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска престојуваше во работна посета на општина Тетово, каде заедно со градоначалникот Биљал Касами и заменик министерката за транспорт Калтрина Зеколи Шаќири, извршија увид во реконструираната улица „Штипска“. При посетата, Николоски ја истакна успешната соработка меѓу Владата и општина Тетово, нагласувајќи дека градот доживува силен инфраструктурен развој преку реализација на бројни капитални проекти.

„Навистина е големо задоволство кога ќе се видат завршени проекти. Станува збор за една од подобро сработените улици кои сум ги видел низ државата. Сакам да му честитам на градоначалникот, навистина прави одлична работа. Тетово доживува инфраструктурен бум и тоа е за секоја поддршка и поздравување“, изјави Николоски.

Тој посочи дека реконструкцијата на улицата „Штипска“ е дел од проект што се реализира во соработка со општина Тетово и Светската банка, додавајќи дека само преку програмите на Министерството за транспорт во општината се реализираат инфраструктурни проекти во вредност од 428 милиони денари.

„Општина Тетово, само преку програмите кои одат преку Министерството за транспорт, досега има реализирано или реализира проекти во вредност од 428 милиони денари. Она што е уште поважно е што степенот на реализација е исклучително висок“, нагласи министерот.

Николоски најави дека Владата ќе продолжи со поддршката на Општина Тетово, оценувајќи дека досегашните резултати се силен мотив за понатамошна соработка.

„За само две години владеење обезбедивме над 7 милиони евра за реализација на 29 инфраструктурни проекти на територијата на општина Тетово. Овие инвестиции се доказ за нашата посветеност на подобрување на инфраструктурата, унапредување на квалитетот на живот на граѓаните и поддршка на развојот на секое маало и населено место. Денес промовираме уште еден значаен проект кој директно им служи на граѓаните, а со истата посветеност продолжуваме и со реализацијата на останатите проекти,“ истакна заменик-министерката за транспорт, Калтрина Зеколи Шаќири.