Армијата – гарант на независноста и безбедноста

По прогласувањето на независноста во 1991 година, македонската Армија се стави во служба на државата и граѓаните како гарант на мирот и одбраната. Преку постојани реформи и професионален развој, таа обезбедува поддршка во справување со кризи и елементарни непогоди како пожари и поплави. Овој ангажман, извршен одговорно и пожртвувано, е причината Армијата постојано да ужива највисока доверба кај народот.

Силјановска-Давкова: Армијата е вистински чувар на татковината

„Повеќе од три децении Армијата ја пишува својата приказна како вистински чувар на татковината“, истакна претседателката и врховен командант на вооружените сили Гордана Силјановска-Давкова во своето обраќање на централната свеченост по повод Денот на Армијата – 18 Август, што се одржа во касарната „Јане Сандански“ во Штип. Таа нагласи дека визијата на Генералштабот, знаењето на Командата за обука и доктрини, дејствувањето на Командата за операции, поддршката на Логистичката база и честа на Баталјонот за почести се препознаваат во секој сегмент од армиското делување.

Погледнете ја фотогалеријата

Мицкоски: Нашата Армија е гаранција дека овој народ ќе има поле да се развива

Премиерот Христијан Мицкоски, по повод Денот на Армијата – 18 Август, порача дека нашата Армија е гаранција дека овој народ ќе има поле да се развива, да создава и да ја гради својата иднина.

-Денес го славиме 18 август – Денот на Армијата, денот кога ја чествуваме една од најважните институции на државата. Кога зборуваме за Армијата, зборуваме за продолжение на илинденската и асномската идеја, идејата за независна и слободна Македонија. Нашите претци се бореле со срце, со жртва и со визија, објави Мицкоски на својата Фексбук страница.

Мисајловски: 33 години стабилност и сигурност

Министерот за одбрана Владо Мисајловски истакна дека Армијата денес одбележува 33 години постоење и континуиран напредок. „Тоа се 33 години на безбедност за татковината и сигурност за граѓаните“, нагласи тој.