Во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, денеска свечено беше пуштен во употреба домот за стари лица „Оаза“ на компанијата „Адора“, лоциран во Општина Илинден.
Мицкоски: Значајна приватна инвестиција
Во своето обраќање, Мицкоски оцени дека станува збор за значајна приватна инвестиција која придонесува кон подобрување на услугите и квалитетот на животот на граѓаните.
Тој му честиташе на инвеститорот и сопственикот на домот, посочувајќи дека вложувањата во вакви проекти претставуваат пример за општествено одговорно претприемништво.
„За мене луѓето коишто влегуваат во вакви инвестиции се во суштина најголемите патриоти, коишто обезбедуваат едно работно место повеќе и се грижат да обезбедат плата повеќе во месецот“, изјави Мицкоски.
Премиерот додаде дека Владата и понатаму ќе биде партнер на бизнис-заедницата, нагласувајќи дека успешниот бизнис и успешната држава се меѓусебно поврзани.


Капацитет за сместување 150 корисници
„Оаза“ е приватна институција и, според објавените информации, претставува најсовремен и најголем дом за стари лица во регионот.
Домот располага со капацитет за сместување 150 корисници, додека во првата фаза започнува со 64 лица.
Концептот на работење не опфаќа само сместување, туку и целосна здравствена, социјална и психофизичка поддршка, со цел на корисниците да им се обезбедат достоинствен живот и активно секојдневие.


Амбуланта, физикална терапија и простор за дружење
Во состав на домот функционираат сопствена амбуланта, амбулантно возило, современо опремена сала за физикална терапија и фризерско студио.
Во објектот е отворен и кафе-барот „Оаза“, наменет за дружење на корисниците со посетителите и со членовите на нивните семејства.
Комплексот е проектиран како самостоен и енергетски ефикасен објект, опремен со современи системи и соларни панели. Проектот е развиен според европски концепти и искуства стекнати преку посети на установи во Италија и Швајцарија.


