Франција и Јужна Кореја во следните пет години ќе вложат вкупно една милијарда евра за поддршка на филмската и аудиовизуелната индустрија. Двете земји ќе инвестираат по 500 милиони евра во рамките на иницијативата „Партнерство на светлината“, соопшти денеска францускиот претседател Емануел Макрон.

– Заедно инвестираме една милијарда евра во следните пет години во она што го нарековме „Партнерство на светлината“, иницијатива за поддршка на филмската и аудиовизуелната индустрија и културниот суверенитет – наведе Макрон при отворањето на првиот Меѓународен самит посветен на иднината на кинематографијата.

На еднодневниот Самит присуствуваат околу 200 претставници на глобалната филмска и аудиовизуелна индустрија, меѓу кои и претставници на неколку холивудски студија.

Во фокусот на разговорите се и заканите што ги носи вештачката интелигенција, како и растечката конкуренција од стриминг-платформите.

– Бидејќи нашите дела исто така бележат нешто од нашето време и кои сме ние, но и поради нивната важност за нашата економија, бидејќи зад секое дело стојат автори, уметници, техничари, компании, работни места и цел синџир на вредности, мора да ја вратиме контролата врз овие големи технолошки трансформации – посочи Макрон.

Според францускиот претседател, би било „голема грешка“ доколку вештачката интелигенција стане инструмент што ги заменува или се обидува да ги замени авторите, креаторите и актерите кои им ги позајмуваат своите гласови на ликовите.

Макрон најави и формирање нова меѓународна организација наречена „Ирис“. Организацијата ќе ги обедини „сите независни кина“, со цел „зачувување на различноста на овој модел“.