Посетата има цел да изрази поддршка и солидарност со Кипар

Францускиот претседател Емануел Макрон утре ќе отпатува во Кипар, по неодамнешниот напад со дрон врз британската воздухопловна база во Акротири. Веста ја објави агенцијата ДПА.

Од Елисејската палата во Париз соопштија дека посетата има за цел да испрати порака на солидарност со Кипар по случувањата во регионот.

„Ова патување има за цел да ја изрази солидарноста на Франција со Кипар“, соопштија денеска извори од Елисејската палата.

Средба во Пафос со лидерите на Кипар и Грција

За време на посетата, Макрон во пристанишниот град Пафос ќе се сретне со кипарскиот претседател Никос Христодулидис и со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.

Според информации од кругови блиски до Елисејската палата, на средбата ќе се разговара за безбедносната состојба во регионот.

Исто така, состанокот ќе послужи и за координација на напорите поврзани со операциите за репатријација.

Во меѓувреме, повеќе европски држави го засилија своето воено присуство во регионот како знак на поддршка за Кипар.

Меѓу нив е и Франција, која веќе распореди три од своите најголеми воени бродови.