Меѓутоа, тогаш надлежните институции ја прекинаа постапката за негово назначување за амбасадор во САД по кампањата што против него ја поведе Обединета македонска дијаспора (ОМД)
Љубомир Фрчкоски ќе биде шеф на Мисијата на Република Северна Македонија во Организацијата на Обединетите нации (ООН) во Њујорк.

Претседателот на парламентот Талат Џафери, на денешниот брифинг со новинарите, на прашање на „360 степени“ околу одолговлекувањето на презентацијата на платформите на новите амбасадори во Комисијата за надворешни работи што ја предводи Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, соопшти дека во Собранието стигнало известување од Министерството за надворешни работи (МНР) дека Фрчковски ќе биде амбасадор на Северна Македонија во седиштето на ООН во Њујорк.

Џафери рече и дека во петокот конечно завршила седницата на Комисијата за надворешни работи, која беше закажана дури во април, и дека четворицата нови амбасадори во Индија, Русија, Италија и во Австрија ги презентирале своите платформи. Тој рече дека именувањето амбасадори е исклучиво во надлежност на извршната власт, односно на Владата и на шефот на државата, така што не гледа логика во тоа што во собраниската комисија се кочи давањето отчетност, затоа што амбасадорите таму само ги презентираат своите тези, а нема гласање.

„360 степени“ во март годинава објави дека Фрчкоски ќе замине на амбасадорска позиција во Њујорк откако претходно информациите беа дека тој ќе се пресели во Вашингтон како амбасадор на земјава во Соединетите Американски Држави. Меѓутоа, тогаш надлежните институции ја прекинаа постапката за негово назначување за амбасадор во САД по кампањата што против него ја поведе Обединета македонска дијаспора (ОМД).

За разлика од процедурата за именување амбасадор во одредена држава, која подразбира добивање агреман (одобрение, согласност од една држава за прифаќање дипломатски претставник од друга држава), за назначување шеф на мисија во мултилатерална меѓународна организација, каква што се Обединетите нации, не е потребна претходна согласност од организацијата домаќин.

Фрчкоски, универзитетски професор по меѓународно јавно право и политички теории, во периодот од 1992 до 1997 година беше министер без ресор, министер за внатрешни и министер за надворешни работи. Тој му беше и надворешен советник на претседателот Борис Трајковски. Во 2009 година беше кандидат на СДСМ на изборите за шеф на државата.