Се надевам дека ова ѝ помага на владата во Северна Македонија да продолжи со напорите за борба против корупцијата, рече заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар, за Албанската редакција на Гласот на Америка, одговарајќи на прашањето дали очекува политички последици откако вчера САД го стави на црна листа градоначалникот на Струга Рамиз Мерко поради значителна корупција.
Стејт департментот денес соопшти дека додека ја извршувал функцијата градоначалник на Струга, Мерко „присвоил средства и се мешал во судските и другите јавни процеси, нанесувајќи ѝ штета на вербата на јавноста во демократските институции и функционери во Северна Македонија“.
Координаторот за антикорупција на Стејт департментот Ричард Нефју, вели дека ставањата на црна листа имаат цел да ја покажат поддршката на САД за владеењето на правото и напорите за борба против корупцијата низ целиот свет.
– Секогаш кога зборувате за нешто што вклучува визни ограничувања или санкции, секогаш ќе има прашања за ефикасноста. Мислам дека во голема мера, сепак, успеавме да покажеме значајни резултати во однос на помагањето на актерите на граѓанското општество и другите дека тие не се сами. И дека кога се соочуваат со корумпирани актери, имаат поддршка и имаат поддршка од меѓународната заедница, рече Нефју за Албанската редакција на Гласот на Америка.
Тој додаде дека не прави разлика дали санкциите се однесуваат на поранешен или сегашен функционер.
– Повторно, дел од причината зошто ги правиме овие работи е да ги поддржиме актерите од граѓанското општество, да ги поддржиме оние кои се обидуваат да бараат одговорност од корумпираните актери, рече тој.
Нефју додаде дека „ако секретарот има веродостојни информации што укажуваат на вмешаност во значителна корупција, секретарот треба да наметне ограничувања за виза. И така, од гледна точка на законот, од нас се бара да дејствуваме кога тие информации се достапни“.
САД вчера го ставија на црната листа градоначалникот на општина Струга Рамиз Мерко како генерално неподобен за влез во САД поради неговата вмешаност во значителна корупција.
„Денешната акција испраќа порака дека САД ја поддржуваат Северна Македонија во поттикнувањето на стабилноста преку зајакнување на демократските институции и справување со недостатоците во владеењето на правото. Оваа ознака ја потврдува посветеноста на САД за борба против корупцијата, која му штети на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на земјите и ја намалува способноста на владите ефикасно да одговорат на потребите на својот народ“, се вели во соопштението од Стејт департментот.
Минатата година САД ги ставија на црна листа пранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков заради нивна вмешаност во „значителна корупција“.
„Нивните постапки ги поткопаа владеењето на правото, демократските институции и јавните процеси во двете земји и ја намалија вербата на јавноста во нивните влади“, изјавија тогаш САД.
Покрај Груевски и Мијалков, Стејт департментот ги санкционираше и членовите на нивните потесни семејства, кои добија забрана за влез во Америка. Истото важи и за градоначалникот на Струга Рамиз Мерко.