Професорот Михаил Гаревски во интервју за „Макфакс“ кажа дека експертизата за мостот „Беласица“ се очекува да биде објавена идната недела, а пуштањето на мостот не може да се случи во јули.

Гаревски кажа дека на мостот не му е потребно зацврстување, туку рефреширање или лесна санација.

– Експертизата ќе биде готова најверојатно во понеделник или во среда. Тоа нема ништо да смени затоа што однапред е јасно дека според нашите анализи, не треба зајакнување на мостот. Сепак, ќе треба лесна санација, вели Гаревски.

Гаревски кажа дека биле избрзани коментарите за тоа дека мостот ќе се пушти до средината на јули и кажа дека тоа зависи од повеќе фактори, односно отстранување на цевките под мостот, како и пронаоѓање на фирма за лесна санација.

– Иако не може точно да кажеме, меѓутоа меѓу песимистичко и оптимистичко размислување, јас очекувам мостот да биде пуштен до 1 септември. Повторувам, тоа зависи од повеќе фактори, кажа професорот.