Американскиот претседател Доналд Трамп, во пресрет на Денот на благодарноста, ја одржа традиционалната церемонија на помилување мисирки пред Белата куќа. На 79. ваква церемонија, тој помилува две мисирки, Фридом и Федерс, кои беа поштедени и нема да завршат на празничната трпеза.

Јавноста преку интернет-гласање ја избра мисирката Фридом да учествува на церемонијата. Двете птици, согласно традицијата, добија „целосно, апсолутно и безусловно“ помилување.

Трамп најави дека птиците, одгледани во Западна Вирџинија, ќе бидат префрлени во Тексас. Таму „остатокот од животот ќе го поминат во мир и тишина и, наместо да завршат како празнична вечера, ќе навиваат за победите на „Ејгис“ во Центарот за живинарство при Универзитетот „Тексас А&М“, изјави претседателот.

Историја на претседателскиот обичај

Традицијата започнала во 1947 година, кога Националната федерација на одгледувачи на мисирки за првпат му подарила птица на тогашниот претседател Хари Труман. Со тоа бил воспоставен обичајот за годишно претставување мисирки во Белата куќа.

Поранешниот претседател Џон Ф. Кенеди во 1963 година ја вратил подарената мисирка на фармата со коментарот: „Нека продолжи да живее“.

Првото официјално помилување го издал Џорџ Х. В. Буш во 1989 година, а оттогаш церемонијата стана редовен годишен претседателски обичај.