Американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) и Канцеларијата на директорот на националното разузнавање (ОДНИ) откриле дека хакери успеале да навлезат во нивната компјутерска мрежа и да дојдат до дел од податоците кои не се класифицирани како тајни, објави „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на извори запознаени со случајот.
Нападот ја погодил мрежата која се користи за собирање и анализа на разузнавачки информации од јавно достапни извори, вклучувајќи го интернетот и комерцијалните бази на податоци. Засега не е познато до кои конкретни информации дошле хакерите. Постои сомневање дека со нападот биле компромитирани и податоци на други американски државни агенции.
Не е познато кој стои зад нападот
Од Канцеларијата на директорот на националното разузнавање за „Ројтерс“ потврдиле дека немало нарушување во работата на клучните системи, ниту на системите кои содржат доверливи податоци. ЦИА веднаш не одговорила на барањето за коментар.
Извор запознаен со случајот за „Асошиејтед прес“ изјавил дека нападот не ги опфатил тајните податоци и дека безбедносниот пропуст е отстранет. Засега не е познато кој стои зад хакерскиот напад.
Инцидентот е последен во низата безбедносни пропусти во компјутерските системи на американските државни институции. Неодамна беше пријавен и безбедносен упад во американското Министерство за земјоделство.
