Претседателот на Алтернатива, Африм Гаши по обелоденувањето на средбата што ја имал со поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, на Фејсбук напиша дека вистинското прашање не е кој, каде и зошто се среќава, туку зошто и по чиј налог го селедат службите на СДСМ и на ДУИ.
„Како лидер на Алтернатива имам мандат и должност да се среќавам со сите политички актери во земјата. Така сум работел досега и така ќе работам и во иднина. Следствено, нема ништо посебно и мистериозно во мојата средба со поранешниот премиер Зоран Заев. Јас го разбирам интересот на медиумите за оваа средба, но мислам дека вистинското прашање не е кој, каде и зашто се среќавам, туку зошто, по чиј налог и од каков страв ме следат службите СДСМ-ДУИ?“, прашува Гаши.
Дека вчера во Струмица имало средба Гаши – Заев претходно потврди и генералниот секретар на Алтернатива, Зеќирие Ибрахими.
„Средбата во никој случај не била за урување на Владата на Ковачевски. Владата ќе ја оставиме самата да потоне, оти и онака идната пролет ќе падне“, изјави Ибраими.
Фотографија од оваа средба објави денеска на Фејсбук независниот пратеник во македонското Собрание, Скендер Реџепи прашувајќи зошто Гаши требал да оди на средба со Заев дури до Струмица.
„Прашање за еден милион евра??? Што побара денеска Африм Гаши од Зоран Заев и зошто требаше да оди дури до Струмица? Активистите на Алтернатива, како и пошироката јавност, заслужуваат да ја знаат вистината за оваа средба“, напиша Реџепи.
Скендер Реџепи стана независен пратеник откако во јуни минатата година ја напушти пратеничката група на Алтернатива – партија што до скоро беше владин коалициски партнер на СДСМ. По реконструкцијата, во Владата влезе Алијанса за Албанците, а Алтернатива отиде во опозиција.