Реорганиазција на министерствата
Еден од првите закони кои ќе се најдат пред Собранието е оној за реорганизација на министерствата и ресорите, и тоа е веќе договорено со коалицијата која е на повидок помеѓу ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Влен. Гаши вели дека ќе се разговара и за измени со кои ќе се спречи да има предвремени избори за градоначалници, во општините каде градоначалниците ќе станат министри или пратеници. Гаши смета дека е неуставно некој да се избере за 4-годишен мандат, а друг со ист број гласови да добие мандат од 8 месеци.
„Мислам дека спротивно е на Уставот некој да се избере со 4 годишен мандат, а некој да се избере со исти гласови, на исти избори, да се избере за еден мандат од 8 месеци. Ние мислиме дека тоа не е уставно и треба да се поправи со закон кој тоа ќе овозможи тоа да биде праведно и уставно“, рече Африм Гаши, претседател на Собранието.
Бугари во Уставот
Гаши вели дека коалицијата Влен, но и сите албански пратеници ќе гласаат за вметнување на Бугарите во Уставот.
Гаши против Ахмети
За изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети дека коалицијата Влен го прекршила Охридскиот договор и нелитимно влегува во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ бидејќи има помалку гласови на изборите, Гаши вели – тоа не е дел од Рамковниот договор, туку од Мајскиот договор, а Мајскиот договор не е дел од Уставот.
Закон за јазиците
Не го прекршив Законот за јазиците – тврди собранискиот спикер Африм Гаши, кој свечената заклетва во законодавниот дом прво ја кажа на албански, а потоа на македонски. Гаши во интервју за Радио Слободна Европа вели дека само ја следел пратеничката којашто претседаваше со заседанието. По заклетвата, пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска – Стојчевска најави претставка за прекршување на Законот за употреба на македонскиот јазик, на што Гаши одговара, албанскиот е еден од официјалните јазици и го зборуваат над 20 проценти од граѓаните.
„Не верувам дека било намерно, а и да било, тоа е работа на Собранието. Без разлика, јас мислам дека не треба да обрнуваме внимание на такви делови. Но, и демократско право е на секој пратеник и на секој граѓанин, ако мисли некој, дека некое право е прекршено, да реагира, да бара право, и тие што го прекршиле законот да одговараат, нема никаков проблем“, рече Африм Гаши, претседател на Собранието.