Сите закони кои чекаат на усвојување, вклучително и оние за кои е потребно Бадентерово мнозинство, ќе бидат ставени на дневен ред на следните собраниски седници, најави претседателот на Собранието Африм Гаши.

На брифинг со новинарите, Гаши рече дека процедуралните блокади во Парламентот не треба да бидат причина за распишување предвремени парламентарни избори и оцени дека дел од досегашните блокади претставуваат злоупотреба на Деловникот.

„Сите закони, и оние за кои е потребен Бадентеровиот принцип, ќе ги ставиме на дневен ред на следни седници. Потоа, дали ќе има гласање или не, ќе одлучат пленумот и немнозинските пратеници“, изјави Гаши.

Тој очекува во текот на септември сите закони кои досега пристигнале во Собранието да бидат разгледани и ставени на седница. Дотогаш, како што рече, ќе се прават обиди преку дијалог да се најде решение.

Гаши посочи дека на денешната координација на пратеничките групи присуствувал и претставник на ДУИ, но оти од партијата немало најава дека ќе продолжат блокадите.

Меѓу законите кои подолго време не можат да бидат изгласани поради необезбедено Бадентерово мнозинство се предлози од областа на правичната застапеност, правосудството и образованието.

Претседателот на Собранието повтори дека лично се залага парламентарните избори да се одржат во редовен термин, но нагласи дека одлуката за евентуални предвремени избори е политичка и за неа одлучуваат лидерите на партиите.

Гаши побарал и од Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања да ја протолкува одредбата од Деловникот која се однесува на процедуралните барања, со цел, како што рече, да не се овозможи блокирање на работата на Собранието.