Собранието е подготвено за уставните измени, но треба договор и политичка волја, вели претседателот на Собранието, Африм Гаши. Извештајот на Европската комисија е позитивен и се забележува напредок, оцени Гаши. На средбата со новинарите рече државата се обидува наредната година да направи сѐ за реформската агенда.
Во однос на Собранието, службите и процедурата ние сме подготвени. Се надеваме дека што побргу ќе дојдеме до тој политички договор за да се отпочне тој процес. Јас би сакал тоа да биде што побрзо затоа што мислам дека е од стратешко значење и важно да ги започнеме преговорите што побргу и да станеме полноправна членка на ЕУ – рече Гаши.
Во однос на оценката за Собранието во Извештајот на Европската комисија, според Гаши, таа е позитивна односно има мал напредок. Гаши рече дека во неговиот мандат нема злоупотреба на европското знаменце за носење на закони, како и дека големиот број на закони по скратена постапка се всушност усогласувања со Законот за организација и работа на органите на државната управа.
Во делот на Собранието можам да ви кажам дека вкупно оценката е позитивна. Има мал напредок. Наредната година ќе направиме се преку реформската агенда и преку сите препораки кои се дадени во Извештајот да ги имплементираме што побргу за следната година не само извештајот да биде позитивен туку тоа го правиме најмногу заради нас, да имаме пофункционално и потранспарентно Собрание и да бидат задоволни и пратениците и граѓаните од работата на Собранието – рече Гаши.
Се нотира, како што кажа, дека Собранието не го злоупотребува повеќе европското знаме, но дека се повторуваат скратените постапки.