Ставот на Бугарија за почеток на преговорите меѓу Македонија и ЕУ е јасен и не може да се менува. Односите меѓу нашите две земји не можат да се сведуваат на фудбалски натпревар и да разговараме во чие поле е топката. Ова за БГНЕС го изјави министерката за надворешни работи на Бугарија Теодора Генчовска по изјавата на шефот на македонската дипломатија Бујар Османи дека сега топката е кај Бугарија која нема јасен и единствен став за Македонија.
„Министерот за надворешни работи на Република Македонија Бујар Османи често се појавува во медиумите и постојано зборува. Ова не е тениски или фудбалски натпревар за да зборуваме во кој тим е или на кој терен. Нашиот став е исклучително јасен, имаме национален консензус за оваа тема. Не знам на кој појасен начин да му објаснам на господинот Османи“, рече министерката Генчовска.
На прашањето на БГНЕС дали очекува промена на ставот на Бугарија за укинувањето на ветото за почеток на преговорите меѓу Македонија, Генчовска рече: „Не. Нашиот став во Советот за општи работи нема шанси да се смени, бидејќи таква тема нема“.
Таа категорично ги отфрли обвинувањата на премиерот Димитар Ковачевски дека Бугарија ги земала Македонија и Албанија како заложници.
„Тие не го исполнуваат договорот. Веќе изгубивме пет месеци во разговори. Чекаме да почне реализацијата на договорот“, рече Генчовска.