КСС веќе подолго време укажува на лошата состојба на вработените во јавниот сектор и незадоволството од платите. Своето незадоволство гранските синдикати при КСС го искажаа низ низа различни синдикални активности. Низ годиниве гранските синдикати одржаа низа протести, а последниот протест беше одржан на 30.03.2022 година од повеќе грански синдикати при КСС, велат од Конфедерација на слободни синдикати на Македонија.
-КСС одлучно стои позади барањата на СОНК и со сите свои ресурси и логистика го поддржува генералниот штрајк на СОНК.
КСС цврсто застанува и ги поддржува вработените во дејноста образование и дејноста предучилишно згрижување и воспитание на деца и нивните барања за достоинство, праведност и почит кон трудот и да се започне со исплата на плати во согласност со законот и колективните договори.
Без заслужената плата, без почитување на веќе стекнатите права кои ги имаат работниците во овие дејности, но и со осиромашени, а и недоволно ценети работници нема да имаме никаков прогрес во образованието на нашите деца, бидејќи ќе се соочиме со сериозен дефицит од овие професии, односно ќе нема која да ги згрижува и образува нашите деца.
Затоа ги повикуваме и родителите да искажат силна солидарност спрема вторите родители на нивните деца и одлучно да ги поддржат образовните работници да се изборат за статусот кој го заслужуваат, велат од КСС и додаваат:
„Браќа и сестри, членови на СОНК. КСС со сите грански синдикати е со Вас и Ве поддржуваме да издржите во овие тешки моменти за Вашата професија.
Сите заедно, се разбира на чело со Вас, покажавме дека синдикалното движење сеуште постои и затоа со цела енергија и ресурси, со стремеж за подобар живот и почитуван просветен работник, Ве повикуваме на 11-ти април сите заедно, ние, вие и родителите да го поддржиме генералниот штрајк и да покажеме единство и истрајност за почитување на вашата професија“.