Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски синоќа во Скопје се обрати на конференцијата „Безбедноста во Западен Балкан“, организирана од германскиот институт „Аспен“ во соработка со ресорното министерство.
„Нагласив дека, во услови на длабоки геополитички промени, безбедноста на Западниот Балкан е неразделно поврзана со безбедноста и стабилноста на Европа“, стои во објавата на Муцунски на неговата Фејсбук страница.
Муцунски ја истакна нашата јасна стратешка ориентација: членство во НАТО, стопроцентна усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и цврста определба за полноправно членство во Унијата.
„Потенцирав дека проширувањето на Европската Унија е геополитичко обединување на Европа и стратешка инвестиција во постабилен и побезбеден континент“, наведува Муцунски.
Министерот посочи дека Западниот Балкан треба сè повеќе да се препознава како регион што придонесува кон колективната отпорност и европската безбедност.
„За тоа се потребни политичка одговорност, посилна регионална соработка и свест дека безбедноста на една држава не може да се одвои од безбедноста на нејзините соседи“, додава Муцунски во објавата.
