Роџер Федерер и Рафаел Надал отсекогаш беа тука, но за мене мојот најголем ривал во кариерата е Рафа. Созреав како играч, бидејќи тој ме туркаше да одам во тој правец, изјави денеска најдобриот светски тенисер, Србинот Новак Ѓоковиќ.
Српскиот тенисер во интервју за шпанскиот весник „Марка“ пред стартот на Ролан Гарос каде ја брани титулата, истакна дека во Париз заминува со најголеми амбиции.
– Секако дека се гледам себе си како еден од фаворитите. Не размислувам многу за тоа кој ќе победи или кој има најголеми шанси. Секогаш сум фокусиран на самиот себе, заминувам таму со најголеми амбиции, а особено поради начинот на кој играв на турнирот во Рим. Ми се допаѓаат моите шанси, истакна Ѓоковиќ.
Најдобриот светски тенисер лани во полуфиналето на грен – слем турнирот во Париз беше подобар од Рафаел Надал, а до трофејот дојде со триумф во финалето над Гркот Стефанос Циципас.