Во своето обраќање, сопругата на претседателот посочи дека единствениот адекватен одговор на омразата кон различноста е почитување на достоинството на различните со што на дело ја блокираме омразата и ја споделуваме љубовта разбрана како грижа за вроденото достоинство на ранливите.
Ѓоргиевска истакна дека сите слободни и демократски држави и општества се исправени пред предизвикот како да се справат со говорот на омраза без притоа да ја ограничат фундаменталната човекова слобода на говор.
-Верувам дека тоа може да се постигне само со одговорно користење на слободата на говорот. Ниту едно човеково право не е исклучиво, туку е споделено. Правото за едниот е право и за другиот и споделена обврска за сите членови на општеството. Заедно, солидарно, да ја блокираме омразата, да ја споделиме љубовта и со тоа да градиме праведно општество ослободено од предрасуди, рече Ѓоргиевска.
Кампањата има за цел да допре до граѓаните кои живеат на Западен Балкан, пренесувајќи пораки за опасностите од говорот на омраза во нашите општества претставувајќи ја љубовта како алтернатива на омразата. Во кампањата се користат сведоштва и во неа се вклучени и јавни личности кои се добро познати во регионот.