Претседателот на Македонското друштво „Илинден“ – Тирана Никола Ѓурѓај, пред неделниот втор круг од Локалните избори во Македонија, ги повика Македонците од Албанија да ги поддржат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ.
-Почитувани, браќа и сестри, Македонци од Република Албанија со право на глас во татковината Македонија, на 31-ви октомври ве повикувам масовно да излезете и да ги поддржите кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ. Барам од Вас масовно да ја дадеме поддршката на кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ за една нова и поубава иднина за татковината Македонија. Со почит, Никола Ѓурѓај, стои во повикот.
Тој потсетува дека во знак на поддршка деновиве остварил средба со доктор Кирил Пецаков, кандидат за градоначалник на Охрид, на која го информирал за положбата на Македонците во Република Албанија и проблемите со кои се соочуваат, како и за активностите на друштвото.
-Пецаков, како иден градоначалник на Охрид, искажа подготвеност за продлабочување на соработката, зголемување на помошта и поддршка за друштвото, за весникот „Илнден“ и за Македонците во Албанија, во рамки на можностите, се наведува во објавата.
Според него, тој исто така ветил дека посебно внимание и грижа ќе посвети за македонските ученици и студенти од Албанија, а кои средно и високо образование следат во училишта и високо образовни установи во Охрид.