Емотивна вечер исполнета со квалитетна музика, впечатлив вокал и искрена енергија ѝ приреди пејачот Ади Шоше на публиката на својот прв концерт во Скопје. Салата на Филхармонија беше исполнета со публика од сите генерации, а атмосферата јасно покажа дека неговата музика подеднакво допира до сите љубители на добрата песна, без оглед на возраста или полот.

Енергичен, непосреден и неуморен за време на целиот настап, Шоше преку својата специфична интерпретација и препознатлива харизма потврди зошто неговото музичко име сè погласно одекнува низ целиот регион. Во текот на концертната вечер, покрај сопствените хитови кои веќе ја освоија публиката, тој изведе и безвременски нумери од легендарниот Тоше Проески, што предизвика силни емоции и воодушевување во салата.

Посебен момент на настапот беше транспарентот што го истакнаа неговите фанови во салата.
„Глас што не се слуша само со уши, туку се чувствува директно во срцето“, порачаа обожавателите на транспарентот.
Шоше на сцената покажа дека овие зборови се вистински одраз на чувството што го создава неговото пеење, докажувајќи дека искрениот талент секогаш го пронаоѓа патот до слушателите.

Од почетните акорди до завршните рефрени, настанот се разви во заедничко пеење на изведувачот и публиката, која во еден глас ги следеше стиховите. Шоше целосно ги оправда очекувањата на публиката, наметнувајќи се како изведувач кој со секој следен настап отвора нови врати кон уште поголеми регионални сцени.

По забележаните успешни настапи во Загреб и Белград, и Скопје стана важна станица во кариерата на Ади Шоше, чиј уметнички потенцијал и сценска посветеност најавуваат нови концертни успеси во иднина.

