Согласно предлог-мерките, сите вработени во јавниот сектор, локалната самоуправа, сите институции за одење на работно место треба да прикажат потврда за најмалку една примена вакцина или да имаат ПЦР негативен тест кој ќе важи најмалку 72 часа, а ќе биде направен на сопствен трошок. Оние кои го прележале вирусот ќе приложат потврда за прележан Ковид-19, не постар од 45 дена, а доколку не можат да примат вакцина, ќе треба да имаат потврда од лекар специјалист.
Покрај тоа, се предлага вакцинацијата да биде задолжителна за сите здравствени работници, а мерките треба да стапат на сила 10 дена откако ќе ги усвои Владата, за граѓаните да имаат време да се вакцинираат и 30 дена за здравствените работници кои се уште не се вакцинирале.
Препораките се кон овие мерки да се приклучат и приватните компании, со цел да се заштитат производствените капацитети и целокупниот економски процес во земјата.
-Бараме да се ажурура процесот за спроведување на контрола на здравствените сертификати, користејќи ги елекронските алатки на европските сертификати преку апликација која го прикажува вистинскиот QR код и ја контролира неговата валидност. Ова е мерка со која очекуваме значајно да се зголеми опфатот со вакцинацијата, изјави министерот Филипче кога ги објави предлог-мерките и додаде дека го следат примерот од останатите држави од регионот и од Западна Европа каде се применуваат мерки сѐ повеќе рестрикции за невакцинираните.
Во моментот, државата располага со 470 илјади вакцини на „Фајзер“ и 20 000 на „Астра Зенека“. Се очекува да пристигнат и 200 000 вакцини на „Фајзер“ како донација од Италија, со рок до средината на следната година.
Според вчера објавените податоци на Институтот за јавно здравје, при направени 2.633 тестирања, регистрирани се 389 нови случаи со Ковид-19, 18 починати и 317 оздравени пациенти.
Бројот на активни ковид случаи во земјава изнесува 8.535 случаи од кои најголем број 3908 се во Скопје. Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 212.220, бројот на оздравени пациенти е 196.249, а на починати е 7.436.
Состојбата со Ковид-19 во светот не стивнува. Според податоците, од почетокот на пандемијата се пријавени повеќе од 256.540 милиони случаи со Ковид-19. Повеќе од 5,1 милион заразени луѓе починаа.
Сепак, според Светската здравствена организација (СЗО), реалниот број на смртни случаи може да биде два до трипати поголем. Регистрираниот број на случаи на коронавирус во светот е само дел од реалноста, јавија западни медиуми. Со зголемувањето на достапните тестови и подобрувањето на методите за следење на контактите на заразените, генерално е зголемен бројот на пријавени случаи. Сепак, многу поблаги и асимптоматски случаи не се пријавени. Огромното мнозинство од заразените со коронавирус закрепнуваат.
Во светот завчера беа пријавени повеќе од 478.000 нови случаи на коронавирус. Починале 6246 заразени. Најголем број на починати во последните 24 часа имало во Русија (1252), потоа во Полска (382) и Украина (377). САД се најтешко погодената земја од пандемијата, со најмногу заразени (47.701 милиони) и смртни случаи (над 771.000). Следуваат Бразил (повеќе од 612 илјади починале од 22.012 милиони заразени), Индија (над 465 илјади починале од 34.510 милиони заразени), Мексико (повеќе од 292 илјади починале од 3,8 милиони заразени) и Русија (над 264 илјади починале од 9,3 милиони заразени).
Перу е на прво место по бројот на смртни случаи на 100.000 жители (609). Следат Бугарија (390), Босна (372)…
По региони, Јужна Америка и Карибите се најтешко погодени (повеќе од 1,5 милиони починале од 46.446 милиони заразени). Следува Европа (повеќе од 1,4 милиони смртни случаи од 80.774 милиони заразени) и Азија (над 889 илјади починати од 56,7 милиони заразени). Најмалку погоден регион е Океанија (3.156 починати од речиси 293 илјади заразени).
Ширењето на петтиот бран на инфекцијата со Ковид-19 во Франција е „молскавично“, предупреди вчера Габриел Атал, портпарол на француската Влада, но додаде дека на работите сепак треба да се гледа балансирано, бидејќи има загрижувачки и смирувачки елементи.
– Овој петти бран започна со молскавична брзина, рече Атал на брифинг.
Според седумдневниот просек, бројот на заразени речиси двојно се зголемил, вчера имало 17.153 новозаразени, наспроти 9.458 претходната сабота. И тој раст е експоненцијален, пред тоа беа потребни три недели за бројот на дневно заразени да порасне во исти размери.
Речиси 75 отсто од вкупната популација е целосно вакцинирана во Франција. Во болниците во Франција вчера имало 7.974 луѓе заболени од Ковид, од кои 1.333 биле на интензивна нега, во споредба со 6.500, или 1.000 еден месец порано.
Министерот за здравство на Република Србија, Златибор Лончар вчера разговарал со регионалниот директор на компанијата „Фајзер“, Мухамед Хамам за деталите од потпишаниот договор за набавка на лекот против коронавирус на таа компанија, динамиката на испораката и иднината и модалитетите на соработка, јави дописникот на МИА од Белград. Експерименталниот лек за третман на коронавирус, кој е развиен од американската компанија „Фајзер“, за 89 отсто го намалува ризикот од хоспитализација и смрт кај пациенти чие здравје е веќе загрозено, покажаа клиничките испитувања. Овој лек го блокира ензимот потребен за размножување на коронавирусот, а како резултат на тоа се намалуваат смртноста и хоспитализацијата.