Позициите и приоритетите на Македонија ќе бидат тема на денешното обраќање на премиерот Христијан Мицкоски на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк. Неговото учество е во рамките на генералната дебата. Македонската делегација ги става во фокус регионалната стабилност, партнерството со САД и европската интеграција.
Во пораките што ги упати деновиве од Њујорк, Мицкоски ја истакна посветеноста на земјава на мирот, стабилноста и соработката. Притоа ја нагласи позицијата на Македонија како членка на НАТО и земја кандидат за членство во Европската Унија.
Во владината делегација што учествува на Генералното собрание е и вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали. Во интервју за МТВ, тој оцени дека партнерството со САД и проширувањето на Европската Унија остануваат клучни за регионот.
Според Сали, европската интеграција нема алтернатива и е врвен приоритет за земјава. Сепак, тој порача дека критериумите на Брисел треба да го вреднуваат постигнатиот напредок во реформите, наместо процесот да се билатерализира.
Во меѓувреме, останува неизвесно какви пораки ќе донесе претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, при посетата на Скопје, предвидена како дел од нејзината турнеја низ Западен Балкан.
