Падна монтираниот случај за политички прогон против ВМРО-ДПМНЕ, објави на Фејсбук пратеникот Бране Петрушевски. Тој вината за исходот на предметот „Талир“ ја насочи кон СДСМ, посочувајќи дека судската одлука е последица на измените на Кривичниот законик што партијата ги предложила и изгласала во 2023 година.

„Колку и да се обидува СДСМ да ја префрли вината, фактите не можат да ги избришат. Факт е дека предметот го отвори нивното криминално СЈО, како дел од тогашниот политички прогон против ВМРО-ДПМНЕ, со цел промена на името. Дополнително, факт што свесно го избегнуваат, а кој денес судот јасно го образложи, е дека пресудата е последица на измените на Кривичниот законик од 2023 година, кои СДСМ ги предложи и ги изгласа“, напиша Петрушевски.

Во објавата се потсетува и на начинот на кој биле донесени измените на Кривичниот законик. Се наведува дека во јавноста постоеле силни сомнежи оти тие биле дел од пошироки политички договори и трговија со влијание, чија цел биле уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот.

„Јавноста добро памети и како тогаш беа донесени тие измени на Кривичниот законик, со силни сомнежи дека се дел од пошироки политички договори и трговија со влијание, со цел уставни измени за внесување на Бугарите во Уставот“, се вели во објавата.

Петрушевски побара СДСМ, наместо да зборува за „судство под контрола“, јавно да одговори кој и со каква цел го нарачал, како што го нарече, политичкиот прогон против ВМРО-ДПМНЕ преку тогашното Специјално јавно обвинителство. Тој побара одговор и зошто биле донесени измените на Кривичниот законик во 2023 година.

„Затоа, наместо да измислуваат приказни за ‘судство под контрола’, најпрвин нека се погледнат во огледало, а потоа нека одговорат јавно: кој и за какви цели преку тогашното СЈО го нарача политичкиот прогон против ВМРО-ДПМНЕ и зошто ги донесоа измените на Кривичниот законик во 2023 година?“, праша Петрушевски.

„Фактите се непријатни за СДСМ, а бегањето од сопствената одговорност преку политичка пропаганда не е политика, туку лицемерие“, напиша тој.