Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) попладнево ангажира дополнителни ресурси за справување со големиот пожар кој избувна над селото Копаница во Општина Сарај. Во акцијата се вклучени воздушна поддршка и специјализирани возила за интервенција на тежок и непристапен терен.
Како поддршка на скопската Бригада за противпожарна заштита, на терен се испратени два противпожарни авиони „Air Tractor“, кои дејствуваат од воздух, како и две специјализирани теренски возила „Пинцгауер“ за гаснење пожари во подрачја каде пристапот е отежнат.
Од ДЗС информираат дека пожарникарите и нивните екипи работат координирано со цел локализирање на огнената стихија и спречување на нејзино понатамошно ширење кон околните населени места.

