Два противпожарни авиона „Ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување се упатени кон селото Милетино во Општина Брвеница, каде што избувнал голем пожар во близина на населеното место. Постои опасност огнот да се приближи до селото, а тетовските пожарникари веќе интервенираат на терен.
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, информира дека гаснењето на пожарот во шумата е отежнато поради непристапниот и ризичен терен.
– Пред малку дадов наредба „Ер тракторите“ да полетаат кон Милетино, Општина Брвеница, каде што има голем пожар во близина на селото, кој се заканува на селото – изјави Ангелов во видеопорака.
Двата авиона се ангажирани за да помогнат во создавањето услови пожарникарите да навлезат во шумата и да дејствуваат врз пожарот, посочи тој.
Ангелов се осврна и на мирисот на чад што го чувствуваат граѓаните во делови од Скопје. Според него, чадот доаѓа од пожарот во месноста Рамно на Скопска Црна Гора, кој веќе два дена надлежните служби се обидуваат да го стават под контрола.
Тој нагласи дека силниот ветер дополнително ја отежнува состојбата на теренот. Во гаснењето на пожарот кај Рамно учествуваат полициски хеликоптер, скопските пожарникари, тимови на Дирекцијата за заштита и спасување со возила „пинцгауер“, како и околу 30 припадници на Армијата.
– Нивната задача е да спречат ширење на огнот и негово преминување преку патот. Теренот е исклучително стрмен и се наоѓа на над 1.600 метри надморска височина, а длабокиот дол и густиот чад го прават директното гаснење премногу ризично. Премногу е ризично. Има премногу чад што не дозволува луѓе да работат таму. Може некој да се задуши, да настрада и моето основно начело е безбедноста на граѓаните, но и на пожарникарите секогаш се на прво место – истакна Ангелов.
Тој очекува во текот на вечерта да биде намален интензитетот на пожарот на кракот што се движи кон Скопје.
Ангелов додаде дека во текот на ноќта внимателно ќе продолжи гаснењето на деловите од пожарот што се движат кон долот.
