Густ црн чад и повремени детонации го вознемирија Тетово по избивањето на огнена стихија во локален автоотпад. Противпожарните екипи заедно со локалното население со часови интервенираат за да го локализираат пламенот и да спречат негово ширење. Поради опасноста од загадување на воздухот, надлежните упатија апел до жителите да не ги отвораат прозорците на своите домови.
Огнот зафатил големо количество автоделови, стари автомобилски гуми, пластика и акумулатори, што предизвикало серија помали експлозии на самиот терен. Екипите на Територијалната противпожарна единица веднаш поставија заштитен појас околу блиската бензинска пумпа, со што е елиминирана опасноста од нејзино зафаќање.
Командантот на тетовските противпожарни сили посочи дека состојбата се следи внимателно и дека се преземени сите мерки за спречување поголема хаварија.
„Ова е пожар со малку поголеми размери бидејќи во него горат гуми, но и други работи што ги содржи еден автомобил. Секако, има и експлозии во пожарот поради различните акумулатори што горат на овој автоотпад. Бензинската пумпа е обезбедена, бидејќи околу неа има пожарникари кои ја проценуваат ситуацијата, но засега нема опасност“, изјави Авни Амети, началник на ТППЕ Тетово, пренесе ТВ 21.
Паралелно со напорите за целосно гаснење на пожарот, на терен излегоа и надлежните општински инспекциски служби за да направат увид и процена на влијанието врз животната средина. По добивањето на резултатите од лабораториските мерења, најавени се соодветни законски постапки доколку се утврдат прекршувања на прописите за складирање отпад.
„Ние како општински инспекторат моментално сме на местото каде што избувна пожарот и заедно со инспекторите за животна средина ќе го извршиме увидот и ќе направиме анализи за да утврдиме дали има загадување од пожарот. На крајот, откако ќе ги добиеме потребните анализи, ќе преземеме понатамошни мерки согласно Законот“, истакна Арменд Салихи, началник на општинскиот инспекторат.
Поради токсичните материи што се ослободуваат при согорувањето на гумите и хемиските супстанции, препораката за претпазливост останува во сила за околните населени места. Жителите треба да останат со затворени прозорци сè додека атмосферата целосно не се расчисти и опасните честички не се намалат.
