68,7 проценти од граѓаните веруваат дека дигитализацијата ќе ја подобри и забрза процесот на добивање услуги. Ова го покажува истражувањето спроведено од Институтот за политички истражувања Скопје (ИПИС) за „Детектор“. Ова е значителен раст во довербата на дигиталните услуги во споредба со претходните години.

Истражувањето исто така покажува дека 70 проценти од испитаниците сметаат дека е важно да имаат помош од службеник во почетната фаза на користење на дигитални услуги.

Реформите во јавниот сектор треба да се насочат кон дигитализација. Ова го велат 57 проценти од испитаниците, додека 28 проценти сметаат дека треба да се фокусираат на обуки и нови вработувања во јавната администрација.

Истражувањето исто така покажува раст во преференциите на граѓаните за дигиталните услуги. Но се уште 49,4 проценти од испитаниците го претпочитаат лично да ја добијат услугата на шалтер, додека 45,6 проценти се за дигитална опција. Ова претставува зголемување на довербата во дигиталните услуги за 12 проценти во однос на 2023 година.

Истражувањето укажува на тоа дека 60 проценти од испитаниците досега не искористиле ниту една услуга онлајн. Додека 38,4 проценти веќе се упатиле на дигиталните платформи. Сепак, иако има позитивен тренд, 37 проценти од граѓаните се скептични во однос на безбедноста на нивните податоци онлајн.

Владата, исто така, доби повисока оценка за процедурите за добивање документи. 33,2 проценти од испитаниците сметаат дека е полесно да се дојде до документи отколку пред пет години.

Истражувањето беше спроведено во периодот од 24 до 26 јануари, а резултатите одговараат на репрезентативен примерок од 1033 испитаници од целата држава.

Извор: Република