Разбиена терористичка ќелија поврзана со ИСИС во Македонија

Новиот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, уште од почетокот на неговото назначување започна со засилена работа, при што приоритет стави на разбивање на терористичките закани во Македонија.

Лишени од слобода четири лица, АНБ известува за нивна поврзаност со ИСИС

Во координирана акција на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Агенцијата за национална безбедност и Министерството за внатрешни работи (МВР), вчера се уапсени четворица македонски државјани, членови на терористичка организација поврзана со ИСИС.

Одземени оружје и пропаганден материјал

На пет локации во Скопје и Гостивар извршени се претреси во домови и други простории, при што биле откриени и одземени автоматска пушка, пиштол, пропаганден материјал, телефони и компјутерска опрема.

Регрутација преку социјалните мрежи

Според истрагата која започнала во декември минатата година, првоприведениот формирал повеќе групи на социјалната мрежа Телеграм за регрутација на нови членови, споделување на пропаганден материјал и обид за набавка на огнено оружје. Основачот на терористичката ќелија добил инструкции како да изработи импровизирани експлозивни направи за извршување терористички напади врз цивили и јавни објекти во Македонија, со цел ширење страв и несигурност.

Останатите членови на организацијата биле дел од Телеграм групите, каде споделувале преведени материјали преземени од официјалните медиуми на ИСИС.

Притвор за уапсените

Обвинителството за организиран криминал и корупција поднесе барање за притвор за четирите уапсени лица. Кривичниот суд во Скопје го прифати барањето и им одреди притвор во траење од 30 дена.

Оваа акција е значаен чекор во борбата против тероризмот и заштитата на безбедноста на граѓаните на Македонија.