Средствата ќе бидат вложени во реконструкција на студентски домови и ресурсни центри

Образовната инфраструктура во Македонија ќе се модернизира со финансиска рамка вредна 86 милиони евра. Со средствата ќе се реализираат 16 капитални инвестиции. Планирана е реконструкција на девет државни студентски домови и седум ресурсни центри за деца и младинци со посебни образовни потреби.

Ова денеска го соопшти министерката за образование и наука, Весна Јаневска, при посетата на студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје. Заедно со неа беа и комесарката за проширување на Европската Унија, Марта Кос, евроамбасадорот Михалис Рокас и вицепремиерот и министер за европски прашања, Беким Сали.

Реконструкцијата на студентскиот дом „Стив Наумов“ е една од инвестициите што, според најавите, наскоро ќе биде целосно завршена.

„Стив Наумов“ и „Кузман Шапкарев“ први ќе ги примат студентите

„Овој студентски дом ќе биде модерен и со висока енергетска ефикасност на сите објекти во состав. Заедно со „Кузман Шапкарев“ во центарот на Скопје, ќе бидат првите два дома целосно реновирани и достапни за студентите од новата академска година“, рече Јаневска, изразувајќи благодарност за европската поддршка.

Министерката информираше дека за реконструкцијата и трансформирањето на сите 16 објекти во модерни и енергетски ефикасни згради се обезбедени 60 милиони евра од Германската развојна банка, 22 милиони евра како неповратни грантови од Европската Унија и околу четири милиони евра од буџетот на Министерството за образование и наука.

Поддршката од ЕУ е значајна за развојот на образованието

„Ние сме земја во развој и поддршката што ја добиваме е од големо значење за забрзување на развојот и интегрирање на националното образование кон европскиот образовен простор. Верувам дека во иднина ќе имаме уште повеќе и поголеми вакви инвестиции заедно со Европската унија“, додаде министерката.